Зошто
РЕЦИКЛИРАМЕ?
Зошто се бориме за селектирање и обработка на материјали за понатамошна употреба кои инаку би завршиле во депонија, или уште полошо – на улиците?
1. За да ја заштитиме животната средина.
На пластиката и алуминиумот им се потребни стотици години за да се разградат и затоа претставуваат огромна опасност кога завршуваат несовесно фрлени во природата. Нивното учество во загадувањето на земјата, водата и растенијата е огромно, а со тоа и влијанието на негативните климатски промени. Ако соодветно се справуваме со ваквиот отпад, ефектот е еднаков на отстранување на илјадници возила и нивните гасови од улиците.
2. За да помогнеме во заштедата на ресурси.
Рециклирањето помага во зачувување на природните ресурси кои се користат за производство, со тоа што веќе искористените материјали се употребуваат повеќекратно.

3. За да придонесеме во штедењето на енергија.
Во производствените процеси, со употребата на рециклирани суровини се троши значително помалку енергија во споредба со производството преку употреба на нови суровини, вклучувајќи ги и дополнителните трошоци, како што е самото обезбедување, процесирање и транспорт на суровините. А со заштедата на енергија се намалува и емисијата на штетни гасови, кои предизвикуваат негативни климатски промени.
Рециклирање на
ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА
Пет рециклирани пластични (PET) шишиња обезбедуваат доволно материјал да се наполни една јакна за скијање.
- Со рециклирањето на еден тон пластични шишиња се заштедува енергија колку што му е потребна на едно двочлено семејство во тек на една година.
- Само едно рециклирано пластично шише штеди енергија доволна за сијалица од 100W да гори 4 часа.
- Рециклирањето на пластиката штеди двојно повеќе енергија од онаа која се троши за таа да изгори.
- Потребни се 500 години за едно мало пластично шише целосно да се разгради во природата.
Рециклирање на
ЛИМЕНКИ
- Р
ециклирањето на една алуминиумска лименка помага да се заштеди доволно енергија која е потребна за еден ТВ приемник да работи три часа.
- Потребно е 95% помалку енергија и вода за рециклирање на лименка отколку што е потребно за нејзино производство од нови суровини.
- По рециклирањето, една алуминиумска лименка може да се подготви за повторна употреба во рок од 60 дена.
- Алуминиумските лименки можат да се рециклираат и реупотребуваат бесконечен број пати.
- Со рециклирањето на еден тон алуминиум се заштедуваат речиси 5.000 литри масло.

Се грижиме за
ОКОЛИНАТА
Поставувањето на повратните вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки се само еден чекор кој Општина Центар како локална самоуправа го прави со цел да придонесе во намалувањето на количината на отпадот кој завршува во депониите. На тој начин, преку процесот на рециклирање, а со поддршка од граѓаните, ќе се зачуваат природните ресурси од загадување.
